Во организација на клубот Сороптимист- Струга, во Охрид и Струга, во тек се бесплатни часови по англиски јазик наменети за деца од социјално загрозени семејства на возраст од 7 до 10 години. Часовите во Струга,што се одржуваат во просториите на „Порака Нова“, ги посетуваат 40 деца, а во Охрид, наставата се одвива во просториите на црквата „Св. Троица“, каде со знаење по англиски јазик се стекнуваат 20 деца од охридска населба Радојца Новичич – Црногорци.
Наставата се одвива во простории кои се користат без надомест, а часовите ги држи волонтерски тим составен од професорки по англиски јазик со асистенција на едукатори од областа на развојот на когнитивни вештини кај децата.
– Во Струга за децата се задолжени Алмина, Џесика и Алекс , волонтери од Американскиот Мировен Корпус, а тука е и Гордана, едукатор од центарот „Порака Нова“. Во Охрид групата ја водат професорката по англиски јазик Маја и едукаторката за креативни вештини Кристина, кои живеат во самата населба. Тука е и Маријана која се радува на секоја можност да дојде во црквата и да биде со децата и тимот, велат од Сороптимист.
Од клубот објаснуваат дека наставата се одвива според програма изработена од страна на американските волонтери, кои воедно се и педагози за деца од основно образование.
– Оваа програма е флексибилна, се адаптира лесно на различните возрасти и стекнати знаења на децата. Од друга страна , таа во себе носи креативен пристап, многу игри, песнички и приказни кои цело време го држат будно вниманието на учениците. Играме меморија, бинго, пантомима, правиме квизови, учиме песнички, зборовниот фонд го збогатуваме со прекрасни сликовници, се со цел, децата да се релаксирани и да се поттикнат да се вклучат во основната конверзација на англиски јазик. Ентузијазмот и активната вклученост на децата во одговарањето, желбата да се истакнат и секое на свој начин да биде најдобро, се награда за тимот волонтери што воедно и ги мотивира за да придонесат оваа програма да продолжи и да се развива, вели Кристина Тододороска Петреска, координатор на програмата.
Минатата година часовите се одржуваа во просториите на црквата „Св. Троица“- Охрид и во просториите на училиштето за англики јазик „Елит“ од Струга.
Часовите по англиски јазик за деца од социјално загрозени семејства се дел од низата активности на Сороптимист за поддршка на ранливите групи граѓани.
Т.К.