Големиот број кучиња скитници кои ги преплавија градовите во земјава, бројните инциденти од кои некои имаа трагичен крај, ги принудија граѓаните сами да бараат решение како безбедно и без страв да се движат по градските улици.


Во изминатиот период постојано расте побарувачката на таканаречениот „бркач на кучиња“, ултрасоничен звучник на батерии за тренирање и бркање на животни, кој е со можност за подесување на фреквенција.

Имам домашно расно куче со години. Но, последните месеци кога и да излезам надвор од влезот се собираат повеќе улични кучиња, лаат, поради што многу пати и ја одложуваав прошетката и се движевме само околу влезот на зградата. При средба со пријателка видов дека има ваков апарат кој ги разбрка кучињата и мојата ќерка веднаш ми го нарача преку интернет. Сега без проблем шетам низ улиците, дури кучињата и ме препознаваат и веднаш штом ќе ме видат бегаат, вели наша сограѓанка.


Сум слушнала за бркачи на кучиња и сакам да набавам. Работам втора смена и неколку пати до сега сум била сведок како кучињата трчаат по луѓе кои се движат на велосипед. Искрено, немам ништо против кучиња, но ова излезе од контрола и ми е страв да се движам по улици особено во ноќните часови кога има многу помалку луѓе, вели вработена во угостителски објект во центарот на градот.

Од компаниите кои продаваат бркачи на кучиња, потврдуваат дека продажбата е во пораст, но укажуваат дека понекогаш ефикасноста на апаратот е помала затоа што градските кучиња веќе се навикнати на бучавата.

Граѓаните се јавуваат, нарачуваат, но има голем интерес и за Бибер спрејот кој исто така е многу ефикасен и кој може да ја распрскува содржината и на поголема далечина така што не мора кучињата да се блиску за да се дејствува, велат од македонска компанија која продава преку интернет.

Ветувања за решавање на овој долгогодишен проблем од страна на надлежните има постојано, но без видливи резултати. Во меѓувреме, граѓаните со страв се движат по улици, билтените на МВР се полни со случаи на нападнати и повредени граѓани, а неколку случаи завршија трагично, од кој последниот беше минатата недела кога девојка во Гостивар се удави во река, каде паднала при бегање од улично куче.


Решавањето на проблемот со кучињата скитници беше и првото ветување кое го даде градоначалникот Јован Стојаноски по стапувањето на функциијата градоначалник.

На прес конференција пред една година, Стојаноски најави дека е направен почетен план, кој опфаќа стерилизација, нега и згрижување на кучињата, што ќе се врши на доброволна основа и во соработка со здружението на граѓани „Анималиа“.

По трагичниот настан во Гостивар, владата иницираше измени на Законот за здравствена заштита и благосостојба на животните.

Т.Кувенџиска