Во втората рунда од квалификациите за Лигата на Шампиони ждрепката сакаше да се сретнат македонскиот и српскиот првак. Шкендија ќе дебитира на меѓународната сцена, додека белградски Партизан минатата сезона беше дел од натпреварите по групи во најквалитетното европско клупско натпреварување.


Фаворитската улога оди на адреса на тимот од Хумска, а од таборот на тетовчани порачуваат дека нема лесно да се предадат.


– Партизан е многу тежок противник. Тие се фаворити, но ние нема однапред да се предадеме. Напротив уште пред да се одржи ждрепката го посакувавме Партизан. Сметам дека ќе биде наша предност што првиот натпревар го иргаме во Белград, а реваншот во Скопје. До колку извлечеме позитивен резултат на првиот меч, пред преполните трибини во Скопје може да се направи подвиг – вели најдобриот фудбалер во македонскиот првак Ферхан Хасани.

Стратегот на “црно-белите“ Станојевиќ смета дека тоа што првиот натпревар се игра во Белград, воопшто не е одлучувачки момент, но и дека очекува голема подршка од македонските навивачи на Партизан.

 Не бегаме од фаворитската улога, но ќе бидеме претпазливи. Драго ми е што играме во Скопје, бидејќи ќе имаме голема поддршка од навивачите. Ние ќе го собереме сите информации за Шкендија и се надевам дека ќе ја поминеме оваа пречка рече Станојевиќ.


Првиот натпревар ќе се игра на 12 или 13 јули во Белград, додека реванш мечот седум дена подоцна во Скопје.

М.П.