И покрај тоа што денес во охридско не беа регистрирани нови врнежи на дожд и снег, нивото на Охридското Езеро повторно порасна и сега се наоѓа на 15 сантиметри над максималната кота, односно 693,90 метри.  Новата состојба со нивото на езерото ги мобилизираше надлежните служби, кои во најниските делови, долж охридското крајбрежје започнаа со поставување на  насипи со вреќи од песок и камења.


-Активностите ќе ги изведуваат работници од Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП Македонија пат и од локалната самоуправа. Насипите ќе се поставуваат на едно критично место во охридско, поточно во населбата Пештани  и на две локации во струшкиот регион. Поставувањето на насипите се прави со цел да се спречи излевање на водата од Езерото.-информираа од Центарот за управување со кризи.


Жителите на населбата Пештани велат дека мора да се преземат активности за да се спречуви излевањето на езерото, затоа што во спротивно, може да дојде до пропаѓање на патот и навлегување на водата во населбата.

– Не не интересираат никакви партии но ова што се случува овде е срамота, оставени сме сами на себе. Ние ќе формираме кризен штаб за справување со состојбата за да го спасиме Пештани, ни изјави Иван Локоски, жител на Пештани.


Од подрачната единица на Македонија пат од Охрид објаснија дека целта на поставуавње на заштитните насипи кај Пештани, е за да се заштити патот под населбата  од поткопување. Тие информираа дека ќе се постави насип од околу 1000 вреќи со песок и камења во должина од стотина метри.

-Состојбата не е драматична но не може ниту да се остави така. Патот како последица на високите бранови се поткопувал, тоа веројатно траело со години бидејќи е многу блиску до езерото, изјави Лазо Ставрески – раководител на Македонија пат, подружница Охрид.


Покрај огромните штети од подземните води во населбата Пештани, каде викедов беа поплавени над стотина објекти, надојденото езеро големи штети предизвика и на концесионерите на плажите на охридското крајбрежје.

-Потопени се голем број плажи и платформи, а вкупната штета на сите концесионери во охридско се проценува на околу 150.000 евра. Ние бараме од државата да ни излезе во пресерет и преку субвенции доколку е можно да ни помогне да ја саниреме штетата , но исто така треба да се ревидираат и договорите за концесија бидејќи поголем дел од плажите се под вода и не можат да се користат. -вели Илија Џепароски, концесионер на плажата Корали.

Г.М./Е.Е.