Општина Охрид во рамки на проектот „Есенска рамноденица-23-ти септември-Акција за чистење на цврст отпад од дното на Охридското Езеро“ организираше трибина со локалното население во основното училиште „Св. Наум Охридски“ во Пештани.


На трибината жителите од крајезерските населби беа информирани за текот на проектот, а нуркачкиот центар „Амфора“ ги објави резултатите од неколкумесечните истражувања и беше  презентирана картата со одбележани зони на загаденост на Охридското Езеро со цврст отпад.


Презентирани беа снимки и подводни фотографии од повеќе локации: Трпејца, Пештани, Св.Стефан, како и градскиот дел кај Канео и Грашница, а од прикажаниот материјал можеа да се забележат огромни количини градежен шут, лонци, печки, лименки, канти, а на  дното лежи и една цела конструкција на кош.

Проблемите имаат име и презиме, мораме да ги лоцираме и да ги отстраниме доколку сакаме да одиме напред. Целта на овој проект е да се подигне еколошката свест и отворено да се дискутира за истите – рече Милутин Секуловски  од “НЦ Амфора“.


По презентацијата во дискусијата за решавање на проблемот со цврстиот отпад на дното на езерото, се вклучија и претставниците на локалното население кое гравитира во овој дел на крајбрежјето. Иако малубројни, присутните дадоа свои мислења и предлози како да се подобри состојбата и да се влијае на свеста на граѓаните да не фрлаат отпад во езерото. Посебно беше потенцирана важноста од едукација на најмладите кај кои треба постојано да се работи на подигање еколошката свест и грижата за Охридското Езеро.


Од учесниците на трибината беше побарано вакви кампањи да има почесто и во континуитет да се работи со локалното население. Исто така беше потенцирана и важноста од поголемо присуство на инспекциските органи на терен, со што ќе се превенира, но и казнува фрлањето на цврстиот отпад во Охридското Езеро.


На трибината беа поделени и флаери за подигање на јавната свест за незагадување на Охридското Езеро со цврст отпад а беа  презентирани и понатамошните мерки и активности кои ќе се преземат за чистење на езерото од овој вид отпад.

М.П.