Здружението на Египќаните во Македонија, Сојуз на Балканските Египќани и Здружението за мултикултурна интеграција- Инклузија, незадоволството од начинот на кој се планира да се спроведе престојниот попис, ќе го изразат утре со протестен марш.

Маршот ќе започне симболично, во пет до 12, под мотото “ Доста е со дискриминацијата врз Египќаните- заеднички да ја градиме иднината” . При тоа, е предвидено да се посетат сите канцеларии на народните пратеници во Охрид, на кои ќе им бидат доставени барања за превземање предлог легални акти за еднаков статус и третман на Египќаните во Македонија.


До подрачната единица на Државниот завод за статистика ќе биде поднесена протесна нота за дискриминација на Египќаните со цел и тие да бидат дел од пописната администрација во општина Охрид. Учесниците на протесниот марш ќе ги посетат и подрачните единици на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи.

Ако Египќаните не уживаат ниту едно колективно право во Македонија, тогаш не треба да ги исполнуваат ниту своите обврски кон државата во вид на јавни давачки, вели Рубин Земон, од Здружението на Египќаните во Македонија.

Тој ги повика сите граѓани, без разлика на нивната етничка или политичка  припадност, утре, да земат учество на протесниот марш. Како што потенцира Земон, само со меѓусебно почитување и подршка, без дискриминација може да се гради иднината на Македонија.

OhridNews