Во петок истекува крајниот рок од повторениот јавен оглас за издавање под концесија на уште десет плажи од охридското крајбрежје, кои не беа издадени со првата јавна објава.

Своите идни концесионери ги чекаат Плажа број 5, Плажа број 5г, Плажа број 7а, Плажа број, 8 Плажа број 9а, Плажа број 10,  Плажа број 11, Плажа број 14 , Плажа Лабино и Плажа Грашница 3. На јавното надавање се издава и Плажата Дебарца која се наоѓа наспроти пистата на аеродромот Св.Апостол Павле.

Според објавениот оглас, право на учество на јавното наддавање имаат домашни и странски правни и физички лица.

-Најповолниот понудувач е должен уредувањето на плажите, согласно Урбанистичко техничка документација за уредување на капалишта, да го заврши најдоцна до  15 јуни 2012  година. Понудувачот е должен пред склучување на договорот за доделување на краткотраен закуп на плажите во Охрид, во рок од 15 дена да достави банкарска гаранција од 1 милион денари, со која ќе гарантира дека плажата ќе биде уредена согласно правилата и дека во текот на закупот ќе ги исполнува договорените услови, пишува меѓудругото во јавниот оглас.

Почетната цена на електронското јавно наддавање за едногодишна закупнина за охридските плажи изнесува 80 денари од метар квадратен. Едногодишната закупнина за плажата во општина Дебарца изнесува 5 денари од метар квадратен.

Плажите не беа издадени со правата објава затоа што старите концесионери, кои стопанисуваа со плажите, во текот на претходните години не се пријавија за лицитација. Тие неодамна јавно побараа од Министерството за транспорт и врски да ја намали цената на плажите на потегот од Горица до Лагадин и да ја укине банкарската гаранција.

Министерот за за транспорт и врски Миле Јанакиески пак недомна изјави дека доколку некоја плажа не се издаде под концесија, никој нема право да стопанисува со неа и истата ќе биде слободна за користење.

На првото електронско јавно надавање, за давање под краткотраен закуп на плажите на Охридското Езеро кое се одржа на 18-ти април 2012 година, беа дадени под концесија плажите „Куба Либре“, „Кадмо’’, ,,Бела Виста 2011“, „Канео – Извори“ и „Канео – Потпеш“.

OhridNews