Во петок, 20 јули, во Трпејца ќе почне седмото издание на Културно–забавното лето „На зајдисонце“ 2018. До 28 јули во текот на деветте дена организаторот на манифестацијата „Здружението за Трпејца со љубов“ најавува богата програма која подеднакво ќе е интересна за гостите и за домаќините.

На чинот на свеченото отворање на манифестацијата „На зајдисонце“ на веќе позната сцена „кај Бунарот“ ќе биде отворена изложба на уметнички дела од Свето  Стефановски, новинар, публицист, екологист и ликовен  уметник. Вечерта со својот настап ќе ја збогати и се’ популарното музичко и од неодамна брачно дуо ДИС  Денис Мурат и Стефани Стефановска од Скопје.

Следните денови ќе се одржат: традиционалната Променада со  кајче по Езерото  со ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид, театарската работилница „Театар на отворено“ со актерката Марија Новак , поетската вечер „Поетите за езерото и водата“ со Марина Димовска, филмската вечер на која ќе биде прикажан документарецот „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“ од Томе Љушев – Шпанец и целовечерните концерти на ансамблот „Билјана“, КУД „Фолклористи“ од селото Лескоец – Охрид и градскиот хор VOX LICHNIDOS од Охрид под диригентската палка на Бурим Хидри.

Од едукативните содржини на културно–забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца вреди да се биде и на заедничката дружба помеѓу домаќините од здружението „За Трпејца со љубов“ и нивните  гости од Поградец, Албанија од здружението „Интелектуална жена“ со кое годинава реализираа заеднички прекуграничен проект, а еден од придобивките  беше заедничката изложба на фотографии кои ги претставуваат убавините на природата во двете места но и негрижата на човекот кон животната средина . Дел од создадените фотографии ќе бидат изложени и во Трпејца.

Традиционални учесници се и членовите на невладината „Опција“ кои  ќе одржат едукативно предавање за болестите на зависност и полно преносливите болести.

Под мотото „И ние можеме“ ќе се претстават и учениците од Подрачното училиште во Трпејца  кое е дел од ОУ  „Св Наум Охридски“ од Пештани заедно со својата учителка Лила Каранфилоска за да покажат дека и од една ваква мала средина може да се контактира со светот преку учество на меѓународни проекти.

Во спортско – забавниот дел се задржани веќе стандардните настани: школата за цртање со уметникот Слободан Пупиноски, школата  за шах и турнирот во шах во организација на клубот „Ласкер“ од Охрид,  натпреварот во фаќање риба на јадица, кајакарската регата „Номче Митрески“  и годинава за првпат малиот пливачки маратон како замена за школата за пливање  за кој е задолжена познатата поранешна пливачка, сега тренер Соња Думбалоска – Делова.

Туристите заедно со домаќините последниот ден од манифестацијата ќе имаат заеднички излет по стариот турски пат кој ја поврзувал Трпејца со Свети Наум.

Сите приредби и настани од „На зајдисонце“ во Трпејца се одржуваат на отворена сцена крај и во езерото и се бесплатни, а во нив можат да учествуваат сите заинтересирани.

OhridNews