На свечен настан кој ќе се одржи во понеделник, 28 септември, со почеток во 19:30 часот во големата сала на НУЦК „Григор Прличев“ Охрид ќе бидат одбележани 30 години постоење на Клубот на млади на Црвен крст Охрид и имплементација на програмата ЦКА-ПХВ.
Овој значаен јубилеј претставува можност да се одбележат три децении исполнети со волонтерство, хуманост, младински активизам и бројни генерации млади кои преку Црвениот крст оставиле свој придонес во заедницата. Програмата на настанот ќе биде посветена на луѓето, идеите и активностите кои низ годините го граделе и развивале младинското движење во Црвен крст Охрид, посочуваат.
Во рамки на свеченоста, велат, ќе настапи бендот на Црвен крст Охрид, ќе биде изведена претстава од драмската екипа „Вдиши театар“, додека на сцената ќе се појават и алумни на Црвениот крст Охрид, односно поранешни волонтери и активисти кои со својата работа и посветеност придонеле кон развојот на организацијата.
Настанот ќе биде и своевидна средба на повеќе генерации кои низ годините биле дел од Црвениот крст и Клубот на млади, потенцираат.
Настанот започнува во 19:30 часот, додека вратите за посетителите ќе бидат отворени од 19:00 часот.
OhridNews











