Карван за информирање на заедниците за корисноста на вакцинирањето од денеска до 26 октомври ќе посети 24 локации низ земјава. Го организира Министерството за здравство со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација.

Во Охрид караванот ќе биде на 24 октомври. На плоштадот „Крушевска Република“ граѓаните ќе можат да се информираат во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во Мешеишта до полигонот од 12:30 до 14:30 часот и во Косел од 15:00 до 17:00 часот.

Под слоганот „Заедно заштитени – вакцините делуваат“, каравнот ќе пренесува до локалните заедници информации за редовните вакцини за деца, за вакцините против сезонски грип и за вакцините против КОВИД-19 и ќе овозможи антиковид-вакцинација на самото место.

Повеќе од два века вакцините им помагаат на луѓето да останат здрави – почнувајќи од првата вакцина за заштита од големи сипаници, па сѐ до најновите вакцини што се користат за спречување тешки случаи на КОВИД-19. Оттогаш, семејствата и заедниците веруваат дека вакцините овозможуваат заштита за сите – од новороденчиња до повозрасни лица, наведува Министерството за здравство.

Посочува и дека пандемијата КОВИД-19 предизвикала огромен притисок кај здравствените системи и услуги, а нарушувањата го загрозиле долгогодишниот тешко стекнат напредок во редовната вакцинација кај деца.

На пример, процентот на деца кои ја примиле втората доза против сипаници опаднал од 93,4 отсто во 2019 година на 68,5 отсто во 2020 година, со покачување на 80,4 отсто во 2021 година, наведува Министерството.

Бидејќи карванот почнува во пресрет на сезоната на грип, ќе бидат споделени и информации за вакцинација против сезонскиот грип во контекст на КОВИД-19. Повторно ќе се истакне потребата од вакцинирање против КОВИД-19, бидејќи 46,7 отсто од вкупното население во Северна Македонија се вакцинирани со две дози, а само 8,9 отсто се вакцинирани со трета доза.

Тимовите за имунизација кои патуваат со карванот ќе обезбедат вакцинација против КОВИД-19 на самото место. За време на настаните ќе има на располагање и услуги за мерење крвен притисок, организирани во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија.

OhridNews