Во првите 10 месеци од годинава во Македонија во сообраќајни несреќи животот го загубиле 139 луѓе, што е повеќе од цела 2009 година кога се регистрирани 136 жртви. Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на одбележувањето на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи – 21-ви ноември.

– Гледајќи ги овие бројки, неопходно е сите да се мобилизираме и да се ангажираме, да работиме на планот на превентивното дејствување за да успееме во одредена временска динамика бројот на жртвите да го намалиме, односно да создадеме побезбедни услови на патиштата во Република Македонија, истакна Јанкуловска, која посочи дека во најголем дел од случаите, причина за сообраќајните несреќи со фатални последици е човекот.

Со цел да се намали бројот на сообраќајни несреќи,  Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата до крајот на оваа година ќе започне со реализација на телевизиска кампања во рамки на која ќе бидат емитувани три спотови за зголемување на свеста на учесниците во сообраќајот.

OhridNews