Во Основниот суд во Прилеп денеска треба да започне нов судски процес за убиството на српскиот државјанин Дејан Новаковиќ, што се случи минатата година во Охрид. До ова дојде откако Апелациониот суд во Битола ја уважи жалбата на бранителите и ја укина пресудата на Основниот суд во Прилеп за случајот Новаковиќ и предметот го врати на повторно судење.

Судењето за убиството на 34-годишниот Дејан Новаковиќ започна во Основниот суд во Охрид, кој подоцна беше изземен, а предметот беше предаден на Основниот суд во Прилеп  кој обвинетите ги прогласи за виновни за кривичното дело „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“. На првообвинетиот Митре Костоски му беше  изречена затворска казна во времетраење од 4 години, на второобвинетиот Илче Јоноски исто така затворска казна во траење од 4 години и 6 месеци, додека на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој се уште е во бегство и му се судеше во отсуство, му беше изречена казна затвор од 5 години. Четвртообвинетиот Ѓоко Наумоски, кој не учествувал во инцидентот поради помагање доби затворска казна од една година.

Судскиот процес за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ од почетокот го следеа контроверзи. Првично за убиството беа осомничени 8 лица, а на седуммина им беше изречена мерка притвор. Четворица од нив по два и пол месеци поминати во Истражниот затвор во Шутка, поради недостиг на докази беа ослободени од притвор. Обвинение беше подигнато против четири лица. Судскиот процес почна во Основниот суд во Охрид, но по две одржани рочишта беше прекинат со решение на  претседателот на охридскиот суд за изземање на Кривичниот совет поради пропусти во постапката. Откако и останатите судии од охридскиот суд со писмени изјави се иземаа од случајот, Апелација одлучи судењето да почне од ново во Основниот суд во Прилеп, кој по завршување на процесот донесе осудувачки пресуди за обвинетите.

Постапувајќи по жалба на одбраната Апелациониот суд донесе одлука предметот да биде вратен на повторно судење во Основниот суд во Прилеп. Прво и второобвинетиот на повтореното судење ќе бидат спроведени од притвор, кој одбраната очекува да биде укинат.

Српскиот турист Дејан Новаковиќ беше убиен во тепачка што се случи на 27 август 2010 година во центарот на Охрид.

OhridNews