Денес во Основниот суд во Прилеп продолжува повторената судска постапка за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ. На првото рочиште од обновениот процес, пред судот сведочеше Горан Периќ, другар на покојниот, а беа прочитани и претходно дадените искази на сведоците во постапката.

Овој судски процес се врати во првостепена постапка откако  Апелацискиот суд во Битола одлучи да ја укине пресудата што ја донесе прилепскиот суд.

Судењето за убиството на српскиот турист почна во Основниот суд во Охрид, кој  по неколку судски рочишта беше изземен од постапката и за надлежен беше прогласен Основниот суд во Прилеп. Обвинетите прво се товареа за свирепо убиство за потоа, обвинението беше преквалификувано во кривично дело учество во толпа што ќе предизвика кривично дело. Со тоа се создаде можност за пониска казна за обвинетите.

Пред неколку месеци прилепскиот Основен суд ги прогласи за виновни сите четворица обвинети. На првообвинетиот Митре Костоски му беше изречена затворска казна од 4 години, второобвинетиот Илче Јоноски беше осуден на казна затвор од 4 години и шест месеци, а на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој се уште е во бегство и кому му се судеше во отсуство, му беше изречена казна затвор од 5 години. Четвртообвинетиот Ѓоко Наумоски за помагање доби затворска казна од една година.

Дејан Новаковиќ беше убиен на 27 август лани во центарот на Охрид.

OhridNews