Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Разбојништво“,  полициската станица од Струга против поднесе кривична пријава против 37- годишен жител на струшкото село Радолишта, на кого од страна на основниот суд во Струга му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Со кривичната пријава опфатени се и други четири, засега непознати лица.

Пријавените, на 30-ти минатиот месец во 18 часот и 30 минути, го извршиле казненото дело при што од златара на улицата „Маршал Тито“ во Струга, одзеле поголема количина на злато  и златен накит во вредност, според кажување на сопственикот на златарата од околу 420.000 евра.  Тие со употреба на сила, закана и огнено оружје непосредно нападнале врз животот и телото на три лица од Струга вработени во златарата.

Неколку дена пред извршувањето на делото, сега притворениот од лице од Радолишта купил патничко моторно возило марка „Ауди-100“ без регистарски таблици. Тој побарал да бидат извршени неколку измени-сечење кај задното седиште, отстранување на плочката и бројките од шасијата, отстранување на каишите за врзување, затемнување со црн спреј на стаклата од автомобилот како и ставање на лажни регистарски таблици.

Ова патничко возило со кое сторителите, по извршеното разбојништво избегале по улицата „27 март“ во Струга, околу 02 часот е пронајдено кај месноста „Руенски ливади“ во атарот на селото Мали Влај во близина на македонско-албанската граница. На оддалеченост од околу 3 километри во правец од село Вишни према село Мали Влај на планинскиот пат кон караула Три Шилка, пронајдени се неколку опаковки со златни предмети.  

Притворениот е лице познато на службата против кого, по слични основи биле поднесувани кривични пријави.

OhridNews