Со Просторниот план за Охридско – преспанскиот регион, инаку највисок акт од областа на урбанизмот, донесен во 2006 со важност до 2020 година, на брегот на Охридското Езеро кај Љубаништа не е предвидена изградба на голем туристички комплекс од тип каков што сака да гради индискиот бизнисмен Субрата Рој. Експертите укажуваат дека просторниот план не е случаен документ, туку своевиден Устав во урбанизмот со долготрајна важност кој е донесен после обемни стручни анализи, и секое непочитување на законските процедури може да има далекусежни последици.
-Го сметам на некој начин како одреден упад во регулативата и би требало на некој начин тоа да се регулира и да не се прескокнуваат одредени институции, органи со намена за зачувување на просторот. Мерките предвидени во законската регулатива се и тоа како строги и не е добро ние да ги менуваме за мали потреби, а камо ли за големи проекти како најавениот тие да се ставаат во заден план.-вели архитектот Димитар Зарчев.
Зарчев посочува дека во просторниот план за Охридско – преспанскиот регион се предвидени туристчки зони, но во прецизно утврдени граници, со цел да се зачува природното и културното наследство. Според него изградбата на голем туристички комплекс како предвидениот во Љубаништа, во моментов е тешко остварлива идеја без претходно да се преземат неопходни инфраструктурни зафати, кои чинат многу пари.
-Ние не можеме да најдеме решение за пат од 40 километри од Охрид до Ресен, а ако го немаме тој пат, трансферзалата 8 и 10 и други сообраќајни содржини, да не зборувам за друга инфраструктура, тоа е голема инвестиција која бара припремни работи прво.-смета Зарчев.
Димитар Зарчев
Експертите предупредуваат дека државата треба да биде исклучитено внимателна какви инвестиции прифаќа кога е во прашање Охрид, бидејќи се работи за чувствителен простор со големо културно и историско значење.
– Не треба да дозволиме од страна да ни прават конфигурации на наши работи. Секогаш треба да преовладува принципот прво ние да планираме што треба да се направи, а ако евентуално доаѓаат надворешни инвестиции тие да се вклопат во нашите планови. Не гледам добро на тој проект предимензиониран е, без соодветни процедури. Таа природа не може да издржи ваков проект.-смета проф. Никос Чаушидис.
Никос Чаушидис
Планот на Субрата Рој во Љубаништа, кој засега е само идеа, предвидува изградба на луксузен хотел на вода со казино, вили, марина, голф терени и други содржини на површина од 240 хектари. Иако потенцијалниот инвеститор во својата држава се соочува со судски процес во кој индиското регулаторно терло СЕБИ бара од неговата компанија да врати 4,3 милијарди долари на оштетени граѓани, македонската влада смета дека најавената инвестиција во Охрид е реално остварлива и може да почне се реализира од идната пролет.
Г. Момироски