Полицијата на Вашингтон објави дека четири лица загинале за време на вчерашниот упад на приврзаниците на Доналд Трамп во Конгресот.

Досега приведени се 53 луѓе, од кои 47 поради кршење на полицискиот час, што вчера беше воведен во Вашингтон и трае од 18 до шест часот.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс на Твитер го осуди насилството.

Најстрого го осудувам насилството што се случи и тагуваме поради загубените животи, како и поради повредите на тие кои го бранеа Капитол. Мирен протест е право на секој Американец, но овој напад на Капитол нема да го толерираме. Тие кои учествуваа најстрого ќе бидат санкционирани во согласнот со законот, посочи Пенс.

Помали протести на приврзаниците на Трамп синоќа се одржаа и во голем број американски градови, меѓу кои Салем, Орегон, Аталанта и Денвер.

Можно е отповикување на Трамп пред инаугурацијата на Бајден

Демократката во американскиот Претставнички дом, Илхан Омар, најави дека ќе достави предлог за отповикување на претседателот Доналд Трамп, 13 дена пред закажаната инаугурација на избраниот претседател Џо Бајден.

Не можеме да дозволиме да остане на функција зачувување на нашата Република и мораме да ја исполниме нашата заклетва, напиша Омар на Твитер.

Директорот на големата американска бизнис група, во која членуваат 14.000 компании, меѓу кои и Ексон мобал, Фајзер, Тојота мотор корпорејшн, Џеј Тимонс упати апел властите да ја разгледаат можноста за смена на Трамп откако неговите приврзаници вчера упаднаа во Конгресот.

Тој наведе дека Трамп „поттикнувал насилство во обид да остане на власт и секој лидер кој го брани, ја крши заклетвата за почитување на Уставот и ја отфрла демократијата поради анархија“.

Потпретседателот Мајк Пенс треба да ја разгледа можноста за покренување на 25 амандман поради зачувување на демократијата, посочи Тимонс.

Дваесет и петтиот амандман предвидува претседателските овластувања да се пренесат на потпретседателот ако неговиот кабинет заклучи дека претседателот поради физички или ментални причини не е во состојба да ја извршува својата работа. За тоа да се случи неопходно е потпретседателот и мнозинството да го прогласат претседателот за неспособен за извршување на функцијата. Во случај ако претседателот ги отфрли таквите тврдања, тогаш неопходно е две третини од Претставничкиот дом и од Сенатот да гласаат за поставување на потпретседателот за претседател.

Трамп уште во декември ги повика приврзаниците да протестираат на 6 јануари

Американскиот претседател Доналд Трамп со недели тврдеше дека изборите се украдени, а неговите приврзаници вчера упаднаа во Конгресот, симболот на американската демократија.

Трамп, кој одбива да го признае изборниот пораз повеќе пати ги повика своите приврзаници да дојдат во Вашингтон на денот кога Претставничкиот дом и Сенатот ја потврдуваат победата на Џо Бајден.

–Статистички е невозможно да сме ги изгубиле изборите. Голем протест во Вашингтон на 6 јануари. Бидете таму, бидете диви, напиша Трамп на Твитер на 20 декември.

Илјадници луѓе вчера се одѕваа на повикот на Трамп, а тој ги повика да се борат.

Никогаш нема да се откажеме, никогаш нема да го признаеме поразот, изјави вчера Трамп пред приврзаниците, по што тие упаднаа во Конгресот и ја прекинаа седницата на која требаше да биде верификувана победата на новоизбраниот претседател Бајден. 

OhridNews