Во рамки на проектот на министерството за труд и социјална политика, „Подари книга“, денес во охридскиот Центар за социјална работа пристигна значајна донација од околу 100 книги. Станува збор за изданија од домашната библиотека на Илко Димитриески, негови книги поезија и книги кои му биле оставени како аманет да ги подари од негови пријатели.
– Неодамна имав средба со пријатели од македонско- хрватското друштво „Езерки“ кои ја негуваат македонската музика. Тие ми оставија аманет да подарам два пакети со книги кои сега ги донирам во центарот. Акцијата доаѓа во прав момент затоа што се мислев каде да ги однесам книгите. Тука има и мои книги поезија како и литература од мојата домашна библиотека. Ова е племенита акција, патот до книгата мора секој да го пронајде, за мене е прекрасно чуството да се чита и затоа го подржувам овој проект, рече Димитриески.
Директорот на Центарот за социјална работа, Екрем Каљоши, изрази благодарност за донираните книги и рече дека се надева на голем одзив кај граѓаните.
– Ги повикувам сите кои имаат книги и сакаат да подарат да се приклучат кон акцијата и да се обратат до центарот. Целта е да се развие чувството на солидарност, да се промовира читањето на книги кај оние кои не можат да си дозволат да купуваат, рече Каљоши.
Реализацијата на проектот на министерството за труд и социјална политика и АД Македонски пошти, „Подари книга”, започна пред две недели.
Проектот е наменет за граѓаните во социјален ризик и за лица со ниски примања. Основната идеја на проектот е секој оној којшто има можност да подари книга, истата да ја достави во некоја од филијалите на Македонска пошта, Центрите за социјална работа или во детските градинки. Книгите кои што ќе ги донираат граѓаните, фирмите и институциите ќе бидат ставени на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедените граѓани и сите оние коишто не можат да си дозволат нова книга.
Целосен список на донираните книгите кој редовно ќе се ажурира, ќе се објави на веб страната на Министерството за труд и социјална политика. Тој список ќе биде достапен на сите заинтересирани граѓани коишто се евидентирани во системот на социјална и детска заштита, а коишто имаат потреба од одреден наслов. Овие лица ќе можат да се пријават како баратели на книги во триесетте Центри за социјална работа. Задолжени лица во министерството по претходно добиени податоци од Центрите ќе вршат поврзување на донацијата со барателот кој има потреба од неа. Потоа, Македонска пошта ќе врши бесплатна достава на книгата до барателот. Оваа услуга ќе се врши по принципот “КОЈ ПРВ ЌЕ СЕ ЈАВИ, ТОЈ ПРВ ЌЕ БИДЕ УСЛУЖЕН”.
OhridNews