Во неформална атмосфера, денес, охриѓани на терасата од кафетеријата „ Летница“ имаа можност да ги изложат своите барања, проблеми и да поразговараат за актуелните случувања во градот со градоначалникот Никола Бакрачески и раководителите на јавните претпријатија и сектори во локалната самоуправа.
– Во насока на реализирање на непосредни контакти со граѓаните на Охрид и во насока на поголема транспарентност, овде во центарот на градот, во омиленото место за излегување на охриѓани одлучивме да организираме еден нов вид на комуникација со граѓаните, на отворено, бидејќи сметаме дека на овој начин ќе бидат ослободени од стегите на формалностите при средбите во канцелариите или во мојот кабинет. На овој начин во релаксирана атмосфера заедно разговараме за сериозни теми, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Тој изрази задоволство од големиот интерес на граѓаните чии најчести барања се поврзани со проблемите од сферата на инфраструктурата и урбанизмот.
– Разговараме за нивните проблеми, но и идеи или ставови околу начинот на решавање на проектите со цел заеднички да најдеме решение кое ќе ги одразува нивните реални потреби, потенцира градоначалникот.
Доколку анализите кои следуваат покажат дека ваквите средби се позитивни и за двете страни, ваквиот вид на комуникација меѓу локалната самоуправа и граѓаните ќе продолжи и во иднина. Во рамки на можностите ќе се одреди со која динамика и во кои временски периоди тие ќе се реализираат.
Т. К.