Во рамки на проектот „Допри ја културата – почувствувај ја уметноста“ , чија цел е да се придонесе кон подобар пристап и вклученост на слепите лица и лица со оштетен вид до просториите со постојните музејски збирки и експонати во Охрид, во петок, 4- ти април, во куќата на Робевци ќе биде отворена изложба на експонати.
Активностите ќе започнат на градското пристаниште во 10.30 часот, каде ќе се пречекуваат гостите од Сојузот на слепи, од каде присутните ќе се упатат до куќата на Робевци, каде ќе ја разгледаат специјално креираната изложба и другите поставки, по што ќе следи и организирана посета на спомен куќата на Христо Узунов.
Проектот се реализира согласно договорот склучен помеѓу Н.У. Завод и Музеј Охрид и Шведската организација, а во соработка со Здружението на слепи лица од Охрид.
– Кон успешното спроведување на проектот, со свое учество на одржаните обуки, придонесоа и повеќе вработени во НУ Завод и Музеј Охрид, како и лицата со оштетен вид од охридското здружение и волонтери. Во првиот дел од проектот се организираше обука за изработка на тактилни слики и мапи со предавачот Татјана Мијатовиќ од Националниот Музеј на Босна и Херцеговина во Сараево. Самата обука и изработката на сликите, мапите и информативните текстови за потребите на звучните водичи се одвиваше во текот на месец ноември. Резултатите од претходните обуки ќе се презентираат на оваа изложба со помош на примена на современи технолошки средства за изработка на тактилни слики и аудио водичи за слепи лица и лица со оштетен вид, на која изложба се поканети гости од сојузот на слепи лица од сите краеви на Македонија. Овој проект и изложба се само почеток на идни слични активности кои ќе се применуваат континуирано во рамките на нашата установа, вели директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска.
Проектот е во партнерство со Шведската организација „Културно наследство без граници“, финансирано од фондацијата „Ставрос Ниаркос“, преку повикот за доделување на грантови од „Балканската музејска мрежа“, повикот за мали грантови од 2013.
OhridNews













