„Ја организираме оваа манифестација со цел да помогнеме на оние на кои им е потребна помош, а кај учесниците да поттикнеме чувство на хуманост, спортски дух и солидарност“ изјави на денешниот прес Сашо Точко, п-тел на Црвен крст Охрид.

Општинската организација на Црвен крст деновиве организира акција под мото „За посреќно детство“, а главната манифестација ќе биде во сабота, 26-ти мај, со почеток во 11.00 часот. Предвидени се многу активности, натпревари во разни спортски дисциплини и со учество на голем број хумани граѓани, активисти и ученици од основните и средните училишта во градов.


Точко и Божиноски на денешниот прес

„Се надеваме на голем одѕив, можеби 5.000 луѓе. Учеството на натпреварите се „обезбедува“ со купување талони, односно учеснички број, а приходот оди за повеќе намени“ вели Точко. „Најмногу сакаме да им помогнеме на децата кои се без обата родитела (такви има 4 во Охрид), но ќе бидат донирани средства и за децата заболени од церебрална парализа, за здружението „Порака“, за децата со пречки во развој при црквата Св. Ѓорѓија, Детското одделение во градската болница итн.“ додаде тој.

Теренската организација ќе ја води п-телот на млади при Црвен крст, Младен Божиноски. „Главната трка, која има симболична порака бидејќи нема да има класични победници, стартува во сабота во 11.00 часот од кај Чинарот, кај фонтаната. Целта ќе биде на Кеј, пред Центарот за култура. Како дел од оваа манифестација ќе биде и „Детскиот семафор“ при што многу млади ќе ги покажат своите знаења од сообраќајот, и тоа на државно ниво“ изјави Божиноски.

Црвениот крст Охрид посебно им благодари на главните донатори Lions Club Desareti за нивната несебична помош (откупиле 300 учеснички броја) и ги повикуваат сите хумани граѓани и организации да се приклучат кон манифестацијата. Учесничките броеви (талони) влегуваат во организираната лотарија. Секој што ќе купи талон станува потенцијален добитник на патувања и други вредни награди.

Во сабота, на денот на одржување манифестацијата, улицата „Македонски просветители“ ќе биде извесен период затворена за сообраќај.

С. Костоски