Во рамките на своите редовни планирани програмски активности, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) при Охридската локална самоуправа, во соработка со општинските основни училишта, на 21 април, сабота ќе го организира и одржи Општинскиот годишен натпревар „Детски семафор 2012“.

Општинскиот натпревар на оваа сообраќајна воспитно – образовна манифестација ќе се одржи во два дела: теоретски дел – познавање на сообраќајните знаци, правила и прописи со решавање на тестови, што ќе се одржи во ОУ „Братство и единство“   и практичен дел – вешто возење со велосипед на уреден полигон, што ќе се одржи на градскиот кеј, на ул. „Кеј Маршал Тито“.

-Своето учество во општинскиот натпревар до овој момент го потврдија осум основни училишта. Организаторот на општинскиот натпревар, за најдобрите и највештите натпреварувачи обезбедни вредни награди и подароци, како во поединечна, така и во екипна конкуренција. Општинскиот натпревар претставува продолжение на веќе започнатите годишни програмски активности за унапредување на сообраќајно – техничката култура на учениците и најмладите учесници во сообраќајот во нашата општина, информираше Томислав Тунтев, претседател на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) на Општина Охрид.

Од најуспешните и највештите натпреварувачи ќе биде формирана општинска екипа, која ќе земе учество на регионалниот натпревар „Детски семафор“, што ќе се одржи на 29 април 2012  година.

ОСБСП ги повикува сите вљубеници во велосипедизмот и во рекреативното возење со велосипед во Охрид да ја збогатат оваа манифестација со своето присуство и да ги бодрат младите натпреварувачи – ученици од основните училишта.

OhridNews