Во сабота ќе се одбележи 130- годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ. Иницијативата за одбележување на ликот и делото на академик Станковиќ е покрената од страна на  ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.

Нашиот институт, своето основање во далечната 1935 година и понесување на епитетот прва научна институција на Балканот го должи на иницијативата и заложбите на академик Синиша Станковиќ, великанот во лимнологијата и во научната мисла воопшто, вљубеник во Охридското Езеро, негов голем познавач и промотор, вели директорката Орхидеја Тасевска.

Основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на Езерото и богатата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови, вели Тасевска, додавајќи дека тогашната Хидробиолошка станица ја премостила Втората светска војна, ги развивла своите потенцијали и прераснува во Завод кој во 1994 година е запишан во регистарот на организации за научно-истражувачка дејност во Р. Македонија.

Денес ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид е современа научна установа со завидна бројка на научен кадар од  12 доктори на наука и два магистри организирани во 10 одделенија. Научниот кадар на Заводот делото на академик Станковиќ „Охридското Езеро и неговиот жив свет“ го смета како појдовна основа врз која се темелат сите понатамошни истражувања и сознанија за нашиот најголем природен споменик Охридското Езеро, вели Тасевска.

Како еден од првите чекори за оддавање почест на Станковиќ, додава Тасевска, е одбрано одбележувањето на 130-годишнина од раѓањето на академикот, со свечен собир во Куќата на Уранија, Охрид, и со неколку прикладни говори во негова чест.

Настанот ќе се одржи во сабота со почеток во 12 часот.

OhridNews