Во сабота, 17.12.2011, со почеток во 20:00 во Центарот за култура Григор Прличев Охрид ќе се одржи охридската премиера на претствата „Ајде да си речиме уште една“, во режија на Андреј Цветановски а во изведба на актерите од Народниот театар Охрид.


Претставата беше работена во периодот од крајот на месец октомври до почетокот на декември 2011 и својата премиерна изведба ја имаше на 07.12.2011 во Домот на култура Вевчани. На 08.12.2011 истата беше изведена во Центарот за култура во Кичево, а на 09.12.2011  во Домот на култура во Македонски брод. Реалзиацијата на претставата „Ајде да си речиме уште една“ е поддржана од страна на Центарот за развој на Југозападниот плански регион. После трите изведби во региониот, претставата ќе се игра на редовниот репертоар на Охридскиот театар.

Оваа претстава наречена селска ѓурултија со ѕенѕање, тропање и скокање, на публиката ќе и понуди несекојдневна забава и уживање. Претставата изобилува со многу комични елементи, со многу стари народни песни познати на пошироката публика кои се изведуваат во живо. Претставата ќе можат да ја гледаат сите гледачи од различна возраст.


Оваа претстава, која е авторско дело на Цветановски, зборува за творештвото на еден народ кое секогаш претставува богатство што се чува и негува, показ и доказ за цивлизацијата што се развива во еден регион, белег за одликите и навиките на еден народ. „Тоа се творби на народот, за народот, усно творештво што се пренесува со генерации. Но тоа творештво е подложно на промени и модификации како и секое усно творештво. Прашањето е каква е таа модификација? На каде се движи фантазијата? Која е вистинската приказна зад секоја една од македонските народни песни?“-истакнува режисерот Цветановски.

Улоги:

Ристо Букваро-Горан Стојаноски
Митра Бајачката-Јасмина Билаловиќ
Коле Аџамија-Никола Тодороски
Коце Берберот- Стрезо Стаматовски
Трена-Адријана Билаловиќ
Гоце Делчев-Ивица Цонев
Каранфила меанџиката-Билјана Билаловиќ и
Осман бег-Игор Георгиев.
Костимите се на Кристина Мукоска-Затуроска, светло Зоран Левески, тон Филип Ангеличин Жура.

OhridNews