Во сабота актерите при охридскиот Народен театар премиерно ќе ја изведат најновата театарска претстава “Полицајци”, според Славимир Мрожек, а во режија на Андреј Цветановски.

Како што истакна на денешната прес конференција режисерот Цветановски, претставата е компактен и важен производ кој не само што забавува, туку и едуцира и отвара многу прашања.


–  Претставата зборува за објективитетот за создавањето на едноумието. За да се создаде еден утописки совршен свет во кој сите се среќни и сите исто мислат, се уништува и човекот и неговата субјективност и можноста за размислување на сопствен начин и за сопствени теми. Публиката ќе може да очекува една игра во која има комични и трагични моменти од животот и во која главната порака е тоа дека вистината не може да биде објективна и вистината секогаш е субјективна,вели Цветаноски.

Директорот на охридскиот театар, Горан Стојаноски потенцира дека претставата е петтата премиера на новосоздадениот театар, со која се заокружува една успешна театарска година.

Наша должност е да воспоставиме театар со нови продукции. За среќа на овој датум, актерите имаат една година стаж и нова премиера. Наша должност е да ја говориме вистината, иако таа до одреден момент не е прифатлива. Не можат да се ценат уметници кои велат дека им е важна само уметноста, туку мора да живееме и во реалноста и да ја направиме подобра. Не смееме да бидеме кукавици, истакна Стојаноски .

Според актерот Никола Тодороски кој ја толкува главната улога во претставата, „Полицајци“ е заокружување на досегашната работа на театарот.

Прекрасно е да се работи во новата претстава, која според мене дава една комплетна слика за репертоарот на нашиот театар со оглед на тоа дека имавме неколку претстави минатата година, кои беа специфични. Со оваа претстава тој круг се затвора. Драго ми е што повторно соработуваме со режисерот Цветановски со кого соработката тече беспрекорно, рече Тодороски.


Во претставата играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматоски, Ивица Цонев, Адријана Билаловиќ, од Охридскиот Театар и  Валентин Костадиноски како гостин од Тетар Комедија од Скопје.  Во хорот во претставата, како аматери се вкучени и четворица охридски средношколци.

Претставата претпремиерно ќе се извде и во петок со почеток во 20 часот.

Т. К.