Во организација на Координативното тело на Дебрца за спречување на изградба на регионална депонија, во сабота, 23-ти септември, со почеток во 12 часот во Годивско поле-Дебрца, ќе се одржи протестна манифестација. Со цел организирано делување на населението на Дебрца во правец на спречување на изградба на таков објект на територијата на општината, на 19. Јули 2017 година во село Годивје беше формирано Координативно тело за делување во насока на стопирање на понатамошната реализација на проектот. Овој орган е сочинет од претставници од сите триесет и три месни заедници кои припаѓаат на општина Дебрца.
– Уште еднаш, ние жителите на општина Дебрца, цивилизирано ќе пратиме порака до Владата на РМ, да се земат во предвид понудените и несоборливи аргументи на Координативното тело и населението на Дебрца, за стопирање на понатамошните активности за реализација на проектот. Посочуваме, дека протестната манифестација нема никаква поврзаност со претстојните локални избори и не може да биде користена за такви цели, велат од Координативното тело.
Избраната локација е местото каде е предвидена да се изгради регионална депонија за југозападниот дел на Македонија, проект кој е финансиран од Европската Унија, а го изготвува грчката фирма ЕНВИРОПЛАН С.А. во соработка и координација со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, нагласуваат организаторите.
Од Координативното тело додаваат дека аргументите кои ги наведуваат се во прилог на потреба од итно стопирање на овој проект, и дека како печатен материјал биле доставени до Владата на РМ, Министерството за ЖСПП, Министерството за Здравство, Министерството за Култура, Министерството за Земјоделие, Канцеларијата на ЕУ во РМ, Канцеларијата на УНЕСКО во РМ, од каде до сега немаат добиено никаков одговор.
OhridNews












