Ѓомлезе, традиционални јадења од охридскиот регион, различни видови сирење, домашен мед, градинарски продукти и охридски специјалитети подготвени од студентите на ФТУ Охрид, ќе можат да вкусат посетителите на манифестацијата „Охридска софра“, која во сабота по втор пат ќе се одржи во селото Скребатно.

Како што информираат од Секторот за туризам и локален економски развој, манифестацијата која започнува во 10 часот, обединува повеќе активности чија примарна цел е промоција на традиционалната храна од охридскиот регион, со акцент на ѓомлезето.

Оваа година „Охридска софра“ ќе биде на едно високо ниво како и минатата. Имајќи предвид дека промотивниот дел на оваа манифестација беше посебно таргетирана кон хотелите и туристичките агенции каде имаме гости од страство, верувам дека ќе го постигнеме ефектот на промоција на традиционалните јадења.“ – изјави на денешната прес-конференција, Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.

Во рамките на манифестацијата ќе се одржи и натпреварувачката „Ѓомлезијада“, на која оваа година се пријавиле 24 учесници.

Подготовката на храна ќе започне во 9 часот изутрина, а процесот трае два часа. Следува официјaланиот дел на дегустација и оценување, односно доделување награди. Оваа година, наградниот фонд изнесува 20 000 денари.“ – рече Апостолов.

Организаторите најавуваат и интересна музичка програма со настап на познатата македонска етно група „Чалгија саунд систем“.

Како што рече Апостолов, по завршување на манифестацијата „Охридска софра“, присутните ќе можат да продолжат кон градскиот кеј каде што се предвидени бројни активности во склоп на „Охридскиот пливачки маратон“.

За заинтересираните граѓани, организиран е бесплатен превоз од Лескоец до Скребатно во 9 и 10 часот, со враќање по завршувањето на манифестација.

Инаку, настанот е во организација на општина Охрид, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија како дел од проектот „Топол културен бран“.

OhridNews