Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Убиство во обид“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против 32- годишно лице од Пештани.
Пријавената, на трети овој месец, на 26- годишниот сопруг со кујнски нож му нанела тешки телесни повреди во пределот на градниот кош. Истиот итно бил пренесен во општата болница во Охрид каде по укажаната медицинска помош бил задржан на понатамошно лекување.
– Настанот се случил околу 16 часот откако помеѓу двајцата брачни партнери настанала жестока вербална расправија. Во момент кога двајцата сопружници биле во кујната од семејната куќа, дошло до меѓусебна турканица. Тука пријавената посегнала по ножот и на својот сопруг му задала еден убод во пределот на градниот кош. Во меѓусебната турканица, пријавената се здобила со лесни телесни повреди, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
На лице место, увид извршија полициски службеници од СВР Охрид при што одземени се два кујнски ножа како и делови од облеката на двајцата сопружници.
Врз одземените предмети ќе биде извршено криминалистичко-техничко вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.
OhridNews