„Уметноста мора да биде застапена во секојдневието, преку промовирањето и поддршката на вистинските културни вредности, како дел од квалитетниот начин на живот“, порачаа учесниците на културниот настан „Уметноста на овој датум“, што се одржа вчера во познатиот охридски кафе-бар „Шила“.

Посетителите, љубители на уметноста, имаа можност да слушнат интересни содржини, поврзани со датумот, на која се одржа самиот настан, 17. Декември.

На синоќешниот настан, прв од ваков вид, учествуваа шест писатели. Поетесата Марина Икономова–Шоќева, говореше за персискот поет и теолог од 13-от век, Џалал ад-дин Мухамад Руми, препознатлив за пошироката јавност само како Руми. Авторката Јулијана Блажеска даде осврт за ликот, делото и избор на поезија на македонскиот револуционерен поет Коле Неделковски. Сликарот и писател Тони Попов, го претстави творештвото на српскиот писател Давид Албахари, како и влијанието на овој автор врз современата уметност. Писателката и поетеса Маја Мојсова презентираше специфични моменти за животот и творештвото на американскиот писател Ерскин Колдвел. Писателката и литературен критичар, Мерсиха Исмајлоска, преку стилизиран авторски текст, ги издвои најзначајните уметнички вредности во кариерата на холивидската актерка Мила Јовович. Писателот и стрип-сценарист, Јордан Коцевски, се претстави со комбиниран концепт на процесот на креирање на стрип, кој се создава на релација: илустратор на стрип–сценарист на стрип уметност, конкретно за неговата соработка со илустраторот Дарко Богданов. Освен тоа, паралелно, секој учесник се претстави и со свое дело.

Накратко публиката се запозна и со многу други музичари, писатели, актери, сликари, чија датум на раѓање, или значаен сегмент од нивната уметност е поврзана со 17. декември. Посетителите се забавуваа и со наменски одбрана музика, во контекст на тематскиот настан.

Вториот настан од циклусот „Уметноста на овој датум“ ќе се одржи следниот месец, најавуваат организаторите.

OhridNews