Од СВР Охрид со повеќе детали околу синоќешната тешка сообраќајна незгода што се случи во 22 часот на патот Охрид-Кичево, кај местото викано Карпа. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, информира дека во сообраќајната незгода со тешки телесни повреди се здобиле С.А. (18) од Струга како и С.Т.(39), Р.Т.(35) и уште едно малолетно лице, сите од охридското село Велгошти. Со возило на Брза помош, повредените, од местото на сообраќајната незгода итно се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, каде се задржани на понатамошно лекување.

– Сообраќајната незгода се случила помеѓу две патнички моторни возила марка „Голф“, првото со струшки регистарски ознаки управувано од сега тешко повредениот С.А. кое по магистралниот пат се движело во правец од Охрид кон Струга, и второто возило „Голф“ со охридски регистарски ознаки управувано од С.Т. кој заедно со сопатниците Р.Т. и малолетното лице се тешко повредени. Движејќи се од Охрид кон Струга, патничкиот автомобил „Голф“ со струшки регистарски ознаки удрил во карпа од десната страна по што возилото се извртело кон спротивната коловозна лента, каде во правец кон Охрид се джижел Голфот со охридски регистарски ознаки. Ова возило, со предниот дел се судрило во бочната десна страна од голфот со струшки таблици, информира Димоски.

На местото на сообраќајната незгода, по  овластување на Јавен обвинител, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, поради што сообраќајот беше пренасочен по  регионалниот пат Охрид-Струга. По наредба на јавен обвинител, од двајцата возачи земена е крв за анализа, а врз взилата ќе биде извршено дополнително техничко вештачење.

OhridNews