Со богослужби и верски обичаи во Охрид и охридско ќе биде одбележан празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот познат уште и како Голема Богородица.
По повод празникот кај црквата посветена на Богородица во Скребатно, денеска ќе се одржи традиционалниот, голем црковно народен собир на кој секоја година присуствуваат по неколку илјади верници.
Верниците во Скребатно ќе вкусат од традиционалната манџа специјално приготвена за овој празник.
„Оваа е традиција стара повеќе од 300 години, а на овој ден црквата дава ручек за верниците. Многу одамна, почетоците биле тешки, со оглед на тоа што во минатото немало никаква инфраструктура, а патот бил тешко прооден до тука.“ – велат од Црковниот одбор. Исто така традиционално и оваа година ќе се одржи наддавање за бајракот.
Веќе петнаесетина години црковниот одбор во кој членуваат повеќе истакнати граѓани по потекло од скребатскиот крај, се грижат за црквата и трпеливо го надградуваат популарното излетничко место кое од година во година привлекува се поголем број постители.
Црквата Успение на пресвета Богородица целосно е возобновена пред девет години на темелите на стариот храм, кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.
OhridNews













