По повод излегувањето на „Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски на словенечки јазик во издание на „Хиша поезије“ од Љубљана, а во превод на Лара Миховиловиќ во словенечкиот весник „Дневник“ и ревијата „Букла“ се појавија афирмативни осврти за книгата.

Рисот е митологија, генеалогија, (зла) судбина, време и простор, погон, (наша) природа: „рисот како и јазикот/ ја гласи својата порака/- го отвора јазикот/ и од него излегува/ едно мало сонце/ со кое си игра/ со кое се преобратува/ во молња и во сенка / и рипа врз месото / што се буни против крвта / земјата против водата/ а огнот против небото.“ Извештаите на рисот се мистериозни, но и застрашувачки, а истовремено делуваат и свети, бидејќи со смртта ја носат вистината за ѕвездите: „останаа само знаци/ од златните ѕвезди/ врз ноќните лисја, пишува во „Дневник“ книжевниот проследувач Диана Пунгершич.

Во антологиското дело, додава Пунгершич, духовно – мистичното чувство од рисот се преселува (назад) во исповедникот и (неговиот) јазик, во зборовите односно неговата (телесна) борба со нив.

Апсолутно, скриено и фатено некаде меѓу јазикот и лебот на најразлични начини се воспоставува и открива како оска на животот и поезијата, што во споредба со извештаите на Рисот првично е помалку зборлива, фрагментирана, уште поживописно заплеткана во противречности: „Понекогаш имајќи го јазикот/ Како единствена решетка за кафез/ Погледнувам длабоко во себе/ Како низ матно стакло.“ Бог односно одвишниот поет лови архетипски слики и индивидуално се воочени религиозни мотиви и ликови, вели Пунгершич.

Во песните, потенцира, ги сретнуваме Марија, Каин, Јуда, ангелот, одиме по Елеонската Гора, ги гледаме катедралите, присуствуваме на Тајната вечера, а најчесто се бориме со субјекти од светлината, огнот, правот, празнината.“

Збирката поезија, која опфаќа два циклуса „Извештаи на Рисот“ и „Језик и леб“ е првото словенечко книжно издание на еден од најафирмираните современи македонски поети, Славе Ѓорѓе Димоски (1959), автор на повеќе од десет стихозбирки, кои се преведени на повеќе од триесет јазици. Пораките од древната „земја на рисовите“ им се обраќаат на читателот како љубител на нијанси на земјени бои, со мирис на леб и вибрации на мајчинството во ситни тонови. Пеат за животот и смртта, за заминувањето, за исчезнувањето на јазикот што ќе го згасне идентитетот на нацијата, за светот што се затвора, за вознемиреноста и копнежот за слобода. Рафинирани, чувствителни и повеќеслојни стихови се проткаени со силни симболи во поезијата што оставаат длабок впечаток, вели во ревијата „Букла“ Маја Чрепиншек.

OhridNews