Во близина на автобуска постојка на булеварот „Туристичка“ во Охрид, вчера, во 18.05 часот, се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило „Мерцедес“ удрило во патнички автомобил „Фолксваген Поло“ со охридски регистарски ознаки.

Во сообраќајната незгода, повреден е возачот на автомобилот „Фолксваген Поло“, 61-годишен охриѓанец, кој е префрлен во болницата „Св.Еразмо“ каде е задржан на натамошно лекување. Возачот на возилото „Мерцедес“ избегал од местото на настанот. По преземени мерки, констатирано е дека возилото, во алкохолизирана состојба, го управувало 49-годишно лице од Охрид. Тој е исклучен од сообраќај и против него, ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Димоски информира и дека поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, ОВР Струга, поднесе кривична пријава против 47-годишно лице од Струга кое на 12.05..2020 година, во 19.20 часот било затекнато на улицата „Партизанска“ во Охрид, без дозвола за движење издадена од надлежен орган. Со тоа, пријавениот ја прекршил мерките за забрана на движење на население за време на полицискиот час.

OhridNews