Во СВР Охрид, вчера, во 20 часот, приведен и лишен од слобода е 61-годишен охриѓанец кој  околу 18.30 часот, на улицата „Абас Емин“, во алкохолизирана состојба го нарушил јавниот ред и мир, а потоа извршил физички напад врз две лица од Охрид, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Димоски информира и дека вчера, во 15.20 часот, на кеј „Македонија“ се случил физички напад од страна на охриѓанец врз сограѓанин. Против напаѓачот, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава.

Од СВР Охрид информираат и за сообраќајна незгода што вчера, во 12 часот, се случила на регионалниот пат Охрид-Св.Наум во близина на месноста „Кај Изворот“. Во незгодата учествувал велосипед марка „ГИАНТ“ управуван од 25-годишна охриѓанка. Девојката со возило на Итна медицинска помош е пренесена во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид и по укажаната лекарска помош задржана е на понатамошно лекување.

Во билтенот на СВР информации за уште два случаи регистрирани во струшко. Во 12.30 часот, во полициското одделение во Селото Велешта, вчера, жител на Октиси, пријавил дека на 21.05.2020 година, неговиот малолетен син бил нападнат од куче скитник. Притоа тој се здобил со повреди во левата натколеница.

Во атарот на струшката населба Теферич, рано утрово, пронајдени и приведени се две лица од Струга, по претходно добиено телефонско известување од затворот во Струга дека двете лица избегале од казнено поправната установа каде издржувале затворска казна.

OhridNews