Општина Охрид ги започна празнувањата по повод 23-ти Октомври-Денот на македонската револуционерна борба. Денес во Спомен куќата на Христо Узунов се одржа свеченост која беше збогатена со културно уметничка програма.

Славејќи го и одбележувајќи го 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, денес, после 129 години со нескриена восхит се сеќаваме на младите, храбри и одважни луѓе: Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, кои го поставија темелникот на сите слободарски борби на македонскиот народ, рече во обраќањето Наум Јамандиев, советник во Општина Охрид.

Со јасна мисла, без доволно стратегија, но со нескриен жар и огромна верба, се заложиле за слободна Македонија. Повеќе чувствувале одколку што знаеле дека, поставуваат темел и визија за идните генерации. Нивните заложби и идеи ќе се материјализираат преку Илинден од 1903, НОБ од 1941 – 1945 и 8 септември од 1991 –та година, со заокружувањето на Македонската државна независност, рече Јамандиев.

Со прогласувањето на независноста,  додаде, сеништата на минатото не престанаа да се надвиснуваат над нашата Македонија.

Во сите овие 31 година независнот, Македонија и Македонците продолжија да соочуваат со бројни тешкотии во остварувањето на своите национални и човечки идеали. Но, јас сум уверен дека кодот на Македонецот, да прости, да трпи, да се бори и да гради, одново и одново, е доволно силен, за ние како генерација да ги пребродиме сите предизвици, за извесна и просперитетна иднина. Затоа, денес со посебен пиетет ги спомнуваме нашите херои и основоположниците на Македонската револуционерна борба, додаде Јамнадиев.

Во рамки на културно-уметничката програма учествуваа Александар Ковачевски, Константина Кржеска, Филип Крстески од охридската гимназија, Павел Малсов, актер од Охридскиот народен театар, како и членовите на КУД „Ѓердан од бисери“.

По повод празникот програма ќе продолжи во недела на 23 октомври во 10 часот со положување на свежо цвеќе пред спомен обележјата на великаните во Градскиот парк.

Н.С.Ј.