Граѓаните на Македонија и Србија, наскоро границата помеѓу двете држави ќе ја минуваат само со биометриска лична карта.

Договорот за олеснување на граничните формалности синоќа во Охрид го потпишаа министрите за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и Ивица Дачиќ, на маргините на форумот на министрите за правда и за внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан. На сила тој ќе стапи по ратификацијата во парламентите на двете држави.

-Овој договор е само потврда за тоа дека државите кои имаат добрососедски односи, секогаш може да ја унапредуваат соработката и да ги олеснат процедурите за поминување на државните граници меѓу земјите, како тоа што го направивме со Република Србија, а истовремено да се задржат неопходните безбедносни стандарди, изјави министерката Јанкулоска.

Нејзиниот српски колега исто така позитивно го оцени договорот, кој, како што рече, пред се е во интерес на граѓаните.

– Овој договор во прв ред е во корист на граѓаните кои ја минуваат границата, со тоа им го олеснуваме патувањето и сметам дека тие подобро се чувствуваат кога не мора да носат пасоши, туку границата можат да ја преминат само со лична карта, рече Дачиќ.

Покрај Договорот за поминување на границата само со лична карта, министрите Јанкуловска и Дачиќ потпишаа и и Протокол за определување на подрачјето на новиот граничен премин „Голема Црцорија – Голеш“ што беше отворен пред неколку месеци.

OhridNews