Во организација на Црвен крст, од 12 do 16 јуни во Охрид ќе се одржи шестиот Младински Театарски Фестивал „Вдиши театар“.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 12-ти јуни, среда, во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 20:30 часот, со прикажување на претставата „Домино“ и перформансот „Вдиши театар“ под авторство и режија на Јован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.

Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат и ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.

Во четиридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 5 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 60 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од, Суботица, Ужице, Крагуевац,Битола и Охрид што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

OhridNews