Со изложба на ликовни дела од колекцијата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, на 5 февруари почнуваат годинешните традиционални „Прличеви Беседи“.

Свеченоста посветена на лауреатот, авторот на наградената поема за 2013 „ Азбукословецот“ Иван Василевски ќе започне во 12 часот.

Иван Василески е долгогодишен новинар во МИА и писател, во чии раце оди наградата за најдобра поема. Самиот избор на некој начин е продолжување на делото и ликот на Прличев, начинот на кој творел и работел, бидејќи сите поеми кои се досега избрани се во духот на поемата „Сердарот“. Воедно идејата за распишувањето на конкурсот е да им се даде поттик на поетите и писателите и понатаму да творат, вели директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска.

Свеченоста ќе биде збогатена со настап на хорот при НУ Центар за култура „ Григор Прличев“, претставување на наградената поема,  како и артистичка изведба на  „ Азбукословецот “.

Добредојдени се сите почитувачи на литературата, културата и на делото на големиот поет и преродбеник Григор Прличев кој остави големи траги во нашата култура,во борбата на македонскиот народ, кој делувал и живеел во Охрид , додаде Боцевска.

„Прличевите беседи“ продолжуваат на 6 февруари, со полагање цвеќе на бистата во училишниот двор на ОУ „ Григор Прличев“, полагање лавров венец и свежо цвеќе пред бистата на поетот, а предвидена е и беседа на претставник од Друштвото на писатели. Точно на пладне, кај гробот на Прличев, ќе се одржи Панихида, а половина час подоцна,  во спомен куќата на Прличев е предвидена содржината „Уметниците за Прличев“. Во охридската библиотека, во 13.30 ќе се изврши и презентација на ЦД издание ( во аудио форма) за животот и делото на Прличев до објавувањето на поемата „ Сердарот“, по што ќе следи и традиционалната „ Прличева визита“.

„Прличевите беседи“ ќе завршат со Свечената приредба по повод патрониот празник  на ОУ „ Григор Прличев“ .

        OhridNews