Во духот на фамилијарната традиција и негување на занаетот кој започнал од 1941 година во охридското семејство Паскали, се обновува работилницата за сервис на велосипеди која на истото место како и денес била првпат отворена во 1956 година.

Славе Паскали, сопственик, но и занаетчија кој љубовта кон овој занает ја негува години наназад, а традицијата ја чува и пренесува и на својот син, вели дека со повторното отворање на сервисот за велосипеди сака да му се оддолжи на неговиот татко кој сето ова го започнал уште на 11- годишна возраст.

Најдов сили и можност да го остварам тоа на истава локација која татко ми ја изградил. Првите мои детски чекори се токму тука направени и до денес ова го работам од задоволство и во интерес на нашите граѓани да бидат квалитетно услужени. Татко ми се што можеше да ми пренесе како мајстор и како човек ми пренел. Понатаму јас сето тоа ќе му го пренесам на син ми. Генерациски занает кој е убаво да се одржи зошто има интерес, а и потреба е за граѓаните, вели Паскали.

Самиот занает има своја одговорност и тежина, вели, во смисла велосипедите да можат нашите сограѓани да ги користат, но и да бидат безбедни за да ги возат. Занаетот е одговорен и си бара да се вложиш себе си и физички, но и се’ тоа што се научило низ годините додава Паскали.

Фигуративно кажано максимално се трудиме да ги оживееме нештата кои се направени само од метал, шрафчиња, кугли и гуми. Се’ се постигнува со посветеност, но мора да се има желба. Вон некој нормален сервис ако видиме дека нешто не е во ред, ние не го оставаме така или им кажуваме на муштериите дека треба да се поправи за да биде велосипедот во ред, или нешто и ние од нас ќе дадеме. Тоа е занаетчија, ние не сме монтери и сервисери во буквална смисла. Работиме со задоволство, посветеност и резултатите се гледаат токму преку големиот број долгогодишни муштерии што за нас е всушност награда, вели Паскали.

Знаеме како функционираат занаетчиските дуќани, вели Паскали, врзани сме за нив. Мора да се пречека муштеријата и во границите на можностите побрзо да се заврши услугата и се трудиме тоа да го остваруваме. Јас сум веќе пред пензија, но за занаетот нема лимит кога некој работи со љубов и мерак, додава тој.

Охрид е интересно место за возење велосипеди, било да е тоа рекреативно или од лични причини. Со тоа на луѓето им е потребен еден ваков сервис, а јас со моето долгогодишно искуство се надевам како и досега и отсега ќе излезам во пресрет на нивните потреби. Задоволството повеќе е духовно од материјално, поважно ми е мушетриите да се задоволни, а и цените на услугите ни се пристапни со оглед и на економската ситуација во моментов.

Навраќајки се низ годините наназад Паскали ќе рече дека времињата се менуваат и ако порано во Охрид поголем дел од вработените на работа оделе со велосипеди, сега малку повеќе користењето на велосипед е како помодарство. Татко му вели бил и спортист после Втора светска војна дури и две три години првак во „контраши“, кога и во Македонија немало толку спортски велосипеди. Исто така, неговиот татко и изнајмувал велосипеди за работници кои оделе да работат на браните Шпилје и Глобочица, бидејќи во тоа време немале превоз.

Сега за разлика од порано велосипедите се посовремени, не се толку едноставни како некогаш, сака повеќе вложување, но се трудиме на сите да им излеземе во пресрет. Се адаптираме со нови алати, делови, како што оди технологијата напред. Мора да се има специјален алат за секоја намена, вели Паскали.

Раскажува дека има и луѓе кои сакаат да им се реставрираат старите велосипеди. Досега отприлика има околу 30-40 реставрирани велосипеди, од нула до финална изработка. Но, вели, тоа бара многу посветеност, време, оргинални делови и не е баш едноствна работа. Но, кога се сака, се може да се направи.

Во старата охридска чаршија трета генерација на семејството Паскали продолжува да го негува велосипетчискиот занает

Сервисот, чија примарна дејност е поправка на велосипеди, сега е отворен повторно, по пауза од две – три години. Истиот ќе работи од понеделник до сабота во период од 8 до 20 часот. Во дуќанот има на располагање и велосипеди кои ќе се изнајмуваат, како за нашите сограѓани така и за турстите кои обично сакаат да направат велосипедска тури низ нашиот град, вели Паскали.

Додава дека љубовта кон занаетот ја негува и со чување на стари алати од неговиот татко во посебна работилници и тоа од неговите почетоците, а велосипедот вели како направа е врвен изум за човештвото.

Н.С.Ј.