Младинска инспиративна група „МК“ на Националниот младински совет на Македонија во вторник на 22-ри декември во Струга ќе организира консултативна средба за младите од Југозападниот регион на Македонија, како дел од консултациите „Младински инспиративни дискусии“.

Според најавите, на средбата ќе се разговара за следните теми: Подобрување на образовните политики преку инклузивен пристап и вклучување на младите при носење одлуки; Влијанието на Локалните младински совети во процеси на носење одлуки на локално ниво; Практична работа пред, за време на и по образовниот процес со цел намалување на младинската невработеност и Подобрување на младинскиот стандард преку зголемување на бенефициите за млади.

-Четвртина од населението во Македонија е на возраст од 15-29 години. Младите луѓе имаат капацитет и сила да бидат кредибилен партнер на владините институции при донесувањето на младински политики. Но пред сѐ и над сѐ, мотивацијата на младите лежи во тоа што денешните политики ја обликуваат утрешнината – онаа во која ќе се насели денешната младина. Активното и препознаеното учество во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на нивниот живот, на младите им дава надеж и дигнитет и чувство на припадност, велат организаторите.

Според нив оваа средба ќе биде од огромно значење во креирањето на финалните препораки кои ќе ја отсликуваат состојбата на младите луѓе во Југозападниот регион на Македонија и воедно ќе влијаат врз подобрување на нивната општествена состојба.

OhridNews