Денеска пред платото на Центарот за култура во Струга започна одбележувањето на Денот на реката Дрим. Целта на настанот кој е во рамки на Дримскиот проект CORDA, а во организација на Билатералниот Секретаријат за Охридско Езеро преставен во Дрим Кор групата и Еколошкото Друштво Грашница, е да се зголеми сензибилизацијата на јавноста за вредностите и значењето на Дримскиот Басен и за управувањето со екосистемот на Дрим во трансграничен аспект.
Како што денеска изјави заменик-министерот за животна средина, Стево Темелковски, Дримскиот Басен има огромно значњење поради заштита на биодиверзитетот од една, односно искористувањето на енергетскиот потенцијал од друга страна.
„Дримскот Басен е особено значаен за Македонија, поради тоа што една река извира од едно езеро кое е редок случај на природата во светот. Денеска е празник кој повеќе има интегрирачка улога во 5-те земји кои го делат овој регион, почнувајќи од Преспанското Езеро, Охридското Езеро, Црн Дрим, Бел Дрим, Скадарското Езеро и реката Бојана. Изминативе неколку години се подготвуваше овој проект за интегрирано управување со природните ресурси и одржлив развој, кој после завршувањето треба да се круниса со формирање на Комисија. Овој ден на реката Црн Дрим има повеќе социјален, обединувачки и заеднички карактер.“ – изјави Темелковски.
Дејан Пановски, член на Дрим Кор групата потенцира дека управувањето со реката Црн Дрим има огромна важност од еколошки, енергетски и социјален аспект.
„Значењето на овој ден е тоа што во ист момент, еден ваков настан се случува на пет места во Дримскиот Басен, што е ретко на овие простори. Особено е значајно што последните години конечно доаѓаме до еден момент, каде развиваме заедничка визија и поставуваме основа за заедничко управување, кое што ќе треба да ги земе предвид и енергетските потенцијали и секако, ризикот од поплави кои можат да се случат во овој регион со оглед на големината на реката Црн Дрим.“ – потенцира Пановски.
Од Еколошкото друштво „Грашница“ информираа дека најголемиот проблем за оваа река се комуналните отпадни води кои што се влеваат непречистени од крајречните населби, цврстиот отпад од руралните средини, нелегалниот риболов, експлоатацијата на минерални суровини, нелегалната сеча на шумите и нерегулираниот истек.
„Тие се главни проблеми кои го оптоваруваат сливот на реката Дрим, односно квалитетот на водите. Појавата на нелегален риболов, како и експлоатацијата на минералните суровини, исто така создаваат еден кумулативен ефект кој негативно влијае. Не помалку значајна е и нелегалната сеча на шумите, затоа што се промовира процес на ерозија. Црн Дрим се користи како еден проток кој служи како врска помеѓу Охридското Езеро и албанските хидроцентрали. Потребно е итно ревидирање на договорите со Албанија околу минималните коти, како и систем кој ќе го регулира истекот на реката на еден современ начин.“ – вели Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“.
Проф. д-р Трајче Талески од Хидробиолошкиот завод Охрид објасни дека регулирањето на нивото на езерото преку истекот на реката Црн Дрим, честопати се прави без консултација со хидробиолозите.
„Охридското Езеро е прогласено како заштитен споменик на природата од страна на УНЕСКО и во него живеат голем број ендемски видови. Без наша консултација, истекот може да претставува опасност за флората и фауната токму во овие периоди, кога имаме мрест на краповидни видови риби. Може да дојде до состојба, ако имаме нагло испуштање на вода, икрата да остане на суво и да предизвика штета на рибниот фонд.“ – рече Талески.
Мате Гогоски од Еколошкото друштво „Енхалон“ од Струга истакна дека не треба да се потценува моќта на реката Црн Дрим, која има огромна важност не само за биодиверзитетот, туку и за целокупното население.
„Природата никогаш не кажува ќе направи, а ние секогаш мора да бидеме спремни да се одрбаниме. Мора да напоменеме дека природата не знае да проштева, односно само казнува на она што и го нанесуваме во текот на нашето живеење.Ќе напоменам дека реката претставува главно патешествие и автострада преку која патува јагулата од Охридското Езеро до Саргатското море. Таму се размножува и се враќаат младите назад.“ – истакна Гогоски.
Инаку, Денот на Дрим како активност е дел од процесот за управување со Дримскиот Басен и е финансиски поддржан од Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ. Настанот ќе опфати низа на активности кои ќе ја престават разноликоста во басенот.
OhridNews