Министерката за култура, Елизабета канческа- Милеска заедно со академик Матеја Матески и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, свечено ја пушти во употреба обновената Спомен-куќа на браќата Миладиновци во Струга.


Значењето на Миладиновци за македонската национална културна историја и традиција е капитално. Тие со своето богато извонредно творештво што и го оставија во наследство на Струга и на Република Македонија, гласно ги истакнаа начелата и важноста на националната борба за самобитност, ги презентираа посебностите на македонскиот народ, неговата култура, традиција и историја. По децении запуштеност, спомен-домот на браќата Миладиновци, објект препознатлив по автентичната староградска архитектура, конечно го доби својот вистински лик, рече Милеска.


Спомен-куќата се наоѓа во Струшката чаршија и е реконструирана со средства од Министерството за култура. Се протега на 470 метри квадратни, а во  објектот е целосно сменета дрвенаријата и внатрешниот ентериер, ставен е нов под и паркет. Просторот е облагороден со рачно изработен мебел во стил од втората половина на 19 век, но и со автентичниот мебел, експонати од семејната куќа на Миладиновци и оригинални документи и факсимили.


Музејот на Струга, во куќата ќе има постојана поставка за животот и делото на Димитар и Константин. Во Спомен-куќата ќе биде и канцеларијата на фестивалот Струшки вечери на поезијата со свечена сала и изложба на дела од добитниците на Златен венец во изминатите пет децении. Во објектот е изложен и оригинален мозаик од ранохристијанска базилика пронајдена во струшкото село Октиси.

OhridNews