Лекарски тим на специјалната болница за ортопедија, трауматологија и рехабилитација „Св. Еразмо“ – Охрид, деновиве изврши две сложени операција на дискус хернија на р’бетен столб во лумбелен дел, според најнова медицинска метода со вградување импланти од титаниум во заболениот дел од кичмата.

Едната операција е извршена под менторство на специјалист од Загреб, Хрватска, додека втората самостојно ја изврши обучен лекарски тим на охридската специјална болница кој го сочинуваат Д-р Митре Миолошоски, Д-р Владимир Стрезоски, Д-р Александар Стевоски и анестезиологот Александар Веслиески.

-За воведување на оваа операција се подготвувавме околу една година. Со овој зафат се третираат пациенти со тешки заболувања на лумбалниот дискус. Оваа операција е побезбедна, пократка, а опоравувањето на пациентите е побрзо.-истакна Д-р Митре Милошоски.

Анестезиологот Александар Веслиески вели дека со новата оперативна метода се намалуваат непријатните болки на пациентите.

-Операцијата трае час и половина до два часа, по што следи процес на будење при што се внимава пациентите да имаат што помалку болка, а веќе следниот ден започнува рехабилитацијата со физикална терапија, истакна Веслиески.

Ваков тип на операции во Европа се изведуваат само во Милано, а од сега и во Охрид. Цената во Европа се движи околу 20.000 евра, а во специјалната болница „Св. Еразмо“ трошоците за оперативниот зафат ги покрива Фондот за здравство за осигураните пациенти.

-Ваков тип на операција се изведува за прв пат во Македонија, на Балканот и во Југоисточна Европа. Планираме годишно да се изведуваат до 30 вакви операции, а доколку има интерес и повеќе.-изјави Д-р Митко Тилески, директор на специјалната болница „Св. Еразмо“.

Г. Момироски