Иако во Македонија и Охрид ги има во голем број, пред се поради погодните услови за нивно опстојување, мал е бројот на охридски фамилии кај кои на менито можат да се најдат и јадења подготвени од ови животни- мекотелци.
На охридскиот пазар можат да се набават по цена од 300 денари за килограм исчистени полжави.
– Највеќе ги купуваат полжавите за време на Велигденскиот пост. Најчесто купуваат исти муштерии, кои сакаат да ги подготвуваат, но има и такви кои сакаат да ги пробаат за прв пат па прашуваат како треба да ги зготват , вели Јованка Богоеска, која веќе девет години продава полжави на охридскиот пазар.
Таа потенцира дека од големо значење е кога се собираат полжавите и како се подготвуваат.
– За да не мирисаат на земја и тиња, најдобро е кога тие се берат додека се уште во зимски сон, пред да почнат да се движат и бараат храна, односно додека се закопани во меѓите на нивите, каде земјата е поровита. И при подготвувањето треба добро да се проварат и подготват на соодветен начин, додава Богоеска.
Во охридско нема фарми на кои се одгледуваат полжави. Од страна на поединци во неколку наврати биле направени обиди за одгледување и продажба на полжави, но фармите по извесен период биле затворени. Како причини, од страна на познавачите на работите, се наведува тоа што сеуште не постои органзирано прооизводство и обезбеден откуп.
Ретки се и рестораните во Охрид во кои на менито се нудат подготвени полжави.
– Од домашните гости многу ретко има интерес за јадења од полжави, најчесто нив ги нарачуваат странските гости. Поради високата откупна цена мора и цената на подготвеното јадење да е повисока, велат угостителите во чии ресторани се нудат полжави.
Во светот, одгледувањето на полжави во изминативе 20 години од малку позната маргинална дејност постепено прерасна во вистинска привлечна и раширена земјоделска дејност.
Кон крајот на дваесетиот век се направени првите конкретни истражувања за производството и консумираноста на полжавот. Според добиените податоци- Франција е најзначајната држава во ширењето на културата на одгледување и е на прво место по потрошувачката на полжавите за исхрана, како и Италија која има најголема традиција во одгледувањето и која по бројот на фарми го завзема првото место во светот.
Иако има голем број на фарми во горенаведените земји, секоја година побарувачката е поголема од производството.