Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува сите земјоделски стопанства дека поднесувањето на барањата за финансиска поддршка во земјоделството е во тек и ќе трае до 30-ти јуни.

-Во овој период се поднесуваат барања за растително производство и тоа за: површини со полјоеделски и градинарски култури, одржување на лозови и овошни насади, како и производство на сертифициран семенски и саден материјал. За сточарското производство се поднесуваат барања за одгледување на: говеда, овци, кози, свињи, пчели, живина, информираат од Агенцијата.

За оваа финансиската поддршка може да аплицираат земјоделски стопанства кои се впишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и ги исполуваат сите услови кои се пропишани во Законот за земјоделство и рурален развој, Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2016 година и Уредбата за директни плаќања за 2016 година.

-Првпат оваа година овозможивме барањата да се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите, со пристапување во системот преку веб-страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk со избор на делот „Директни плаќања е-барање“, соопшти Агенцијата.

Сите детали за мерките, утврдените критеруми, потребните документи, висината на финансиската поддршка и за начинот на поднесување на барањата по електронски пат се опишани во упатства за корисниците кои се достапни на македонски и на албански јазик во електронска форма на веб-страната на Агенцијата, како и во печатена форма.

OhridNews