До крајот на годинава се очекува да биде завршена Физибилити студија за одведување на отпадни води на потегот од Градиште до комплексот Свети Наум, која е дел од регионалните проекти кои Бирото за регионален развој му ги одобри на Центарот за развој на Југозападниот плански регионн за 2010 година.

Како што информира МИА, Физибилити студијата ќе ја изработи Хидро Енерго Инженеринг од Скопје. Со неа, ќе бидат разработени неколку технички варијанти со соодветни решенија за одведување на отпадните води во постојниот колекторски систем или нивно локално пречистување во населените места Трпејца и Љубаништа, автокамповите „Градиште“ и „Свети Наум“ и комплексот Свети Наум.

Според мислењето на стручните лица поцелисходно е да се пристапи кон локално третирање на отпадните води со изградба на мали пречистителни станици, на тој начин ќе биде земен во предвид критериумот од најниска цена што ќе треба да ја издвојува локалното население за одржување на системите.

Изработката на Физибилити студијата ќе овозможи потоа Центарот за развој, заедно со локалните самоуправи од регионот, да пристапат кон барање средства за изведба на систем што ќе обезбеди квалитетна вода во високо заштитените зони на Охридското Езеро.

OhridNews