
Согласно Законот за основно образование, три месеци пред истекување на мандатот на директорите, градоначалникот на општината има обврска да даде писмена согласност до училишните одбори за да распишат конкурс за избор на нов директор. Пријавените кандидати на огласот потоа се разгледуваат и селектираат од страна на надлежната комисија во училиштето, а имињата на кандидатите кои ќе се изберат како најсоодветни за извршувањето на директорската функција потоа треба да се испратат до градоначалникот кој ќе ја донесе конечната одлука.
За директор на основно училиште може да се избере лице кое има најмалку високо образование и кое ги исполнува условите за наставник или стручен соработник во основното училиште, кое има најмалку 5 години работно искуство во воспитно образовната работа, како и положен испит за директор.
По исклучок, ако нема пријавено кандидат со положен испит за директор може да биде избрано лице кое не го положило испитот, но е должно да го положи во рок од една година од денот на изборот за директор. Ако избраниот директор не го положи испитот во наведениот рок му престанува мандатот .
Мандатот на директор трае 4 години со можност за уште еден мандат.












