На ден пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори претставници на партиите денеска ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори.

Ноќеска на полноќ, пак, заврши рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на претседателските избори на 24 април. Од утре до 22 април на полноќ кампањите за претседателските избори и за парламентарните избори се преклопуваат, а кампањата за парламентарние избори ќе се одвива и за време на молкот за претседателските избори.

Владата на вчерашната седница одлучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и овие два неработни дена нема да се одработуваат.

Владината одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија.

Караваните на претседателските кандидати продолжуваат и денеска. Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Чашка, Свети Николе и Велес. Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе одржи средби со граѓани во Чучер-Сандево, Бутел, Чаир и во Гази Баба. Кандидатот за претседател на државата од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Општина Липково. Кандидатот за претседател од ГРОМ, коалиција „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски во Струга, во Охрид и во Битола ќе одржи средба со граѓани.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера го објави Вториот извештај од мониторингот на медиумското претставување за Претседателските и Парламентарните избори, за периодот од 8 март до 3 април 2024 година.

Мониторингот ги опфати програмските сервиси на девет национални програмски сервиси – МРТ1; МРТ2; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести и ТВ 21-М, со фокус на прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот што се поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.

OhridNews