Со верска церемонија, во присуство на голем број граѓани, денеска, на градското пристаниште официјално беше откриено спомен обележјето „Фаќач на крст“ посветено на верскиот празник Богојавление – Водици, донација на кумот на Водици од 2012 година, бизнисменот и сопственик на реномираната градежна компанија „Адора Инженеринг“ проф. д-р Ванчо Чифлиганец.
-Ова споменично обележје покрај тоа што ќе биде туристичка атракција, верско обележје, ќе биде и едно духовно место кое ќе се носи со фотографиите и сеќавањата на туристите во целиот свет.-изјави донаторот и поранешен кум на Водици, Ванчо Чифлиганец.
Откривањето на новото спомен обележје беше симболично официјализирано со сечење лента од страна на донаторот, градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески и претседателот на здружението „Богојавление“ Љупчо Арнаудов.
-Овој споменик, Фаќач на крст го прикажува тоа што се случува на одбележувањето на празникот Водици во Охрид, кога се покрстуваат водите на Охридското Езеро. Ова спомен обележје е за сите досегашни и идни фаќачи на крстот. -рече Љупчо Арнаудов од здружението „Богојавление“.
– Денес после толку години сите оние кои учествувале во чиниот на фаќање во ктрстот, за сите верници на кои Водици им е еден од најзначајните празници, добиваме едно спомен обележје кое ќе сведочи за традицијата и за верата на Охрид. -рече градоначалникот Бкрачески.
Спомен обележјето го симболизира вадењето на светиот крст од осветените води на Охридското Езеро. Автор на скулптурата, која е поставена на рељефен постамент со ранохристијански и богојавленски мотиви, е академскиот скулптор м-р Ангел Коруновски од Велес.
OhridNews