Со цел да им се излезе во пресрет на родителите кои ги запишуваат своите деца во охридските детски градинки, деновиве, освен во Центарот за јавно здравје, здравствен преглед  и земање брис од грло и нос се врши и во централниот објект од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

– Целта е да се растерети  метежот кој секоја година се ствара во Центарот за јавно здравје при уписите во градинките и земањето брис од децата, што е законска обврска која треба да се исполне при нивното запишување, објаснува Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Земањето брис во централниот објект на градинката, освен денес, ќе се врши и во вторник и четврток од 10 до 12 часот. Родителите со себе треба да понесат упат од матичен лекар, сини картони и електронска здравствена картичка и 80 денари.

Резултатите од анализите кои се без откриени бактерии ќе бидат испратени во градинката, а оние со позитивен наод ќе треба да се подигнат во Центарот за јавно здравје.

Од Центарот за јавно здравје потенцираат дека освен при запишувањето на децата во градинката, брисеви се земаат редовно и преку целата година од децата кои се згрижени , но и од персоналот. Минатата недела екипи од Центарот за јавно здравје ги посетиле сите објекти од градинката и извршиле земање на брисеви од грло и нос. Резултатите од извршените анализи покажале дека најголемиот број деца се здрави и дека кај нив не е откриено присуство на бактерии.

Т.К.