Во дворот на основното училиште „ Св. Наум Охридски“ во Пештани, денес на пладне , се изврши откривање и осветување на спомен обележје на Свети Наум Охридски Чудотворец, изработено од професорот по ликовно образование, Александар Патчев, а според идеја на професор Зоран Целески.
Како што истакна директорот на училиштето, Илија Стојаноски, со поставувањето на спомен обележјето се чествува големото универзално и епохално дело на Кирилометодиевиот ученик, светиот исцелител и просветител Наум Охридски.
– На овие чудесни простори, разбранувани од светлозрачната и исцелителна вода езерска, која низ сјајните слапови ги премостува епохите и вековите, ги исполнувала и денес ги исполнува духовните келии на човековиот вознес за да го меморира осојничавото европско средновековие. Светлонаумовото просветителско зрно, фрлено на оваа плодна духовна почва, озарено од вечниот светлосен сончев извор, изртено и разгрането во ова мало духовно парче се извишува како светилник, за да бдее над нас, за да не потсетува колку љубов, креативен потенцијал, ентузијазам и мајсторство е вгнездено во ова ремек дело, извајано од виртуозните раце на нашиот колега и професор Александар Патчев кому му упатуваме огромна благодарност, истакна директорот Стојаноски.
Поставувањето на споменикот во чест на Свети Наум Охридски се реализира со финансиска поддршка на минатогодишните кумови на празникот Св. Јован Крстител во Пештани.
OhridNews
фото: Емилио